Реализирани над 75 отсто од проектот за наводнување на јужна долина на Вардар – Втора фаза, Спасовски и Димковски во посета на Валандово
Увид во градежните работи на Проектот за наводнување на јужната долина на река Вардар – Втора фаза извршија техничкиот премиер Оливер Спасовски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадинов. Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски истакна дека проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар – Втора фаза, е од витално значење за валандовскиот регион и е еден од најзначајните капитални проекти во земјоделството.
„Најважно за земјоделците од реализацијата на овој проект, е дека кога ќе биде завршен ќе имаат драстично намалување на трошоците за вода и ќе се обезбеди навремено и квалитетно наводнување на нови 2.150 хектари земјоделска површина. Тоа се сериозни придобивки ако се знае дека сегашниот систем за наводнување е дотраен и земјоделците трпат загуби во своето земјоделско производство“, истакна Спасовски.
Спасовски потенцира дека проектот е вреден над 24,3 милиони евра и се очекува да биде завршен во мај 2021 година.
„Досега се изградени над 75 отсто од дистрибутивните мрежи, завршени се подготвителните работи на главниот цевковод, во тек се градежните активности на главната зафатна градба, таложниците, главната пумпна станица, препумпните станици, разделните шахти, шахтите за воздушни вентили и хидрантските шахти, и одобрена е опремата, која е во фаза на набавка и монтажа“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.
Тој објасни дека со изградбата на системот ќе се обезбеди наводнување на нови 2.150 хектари земјоделска површина на територијата на општина Валандово, поточно во населените места Удово, Јосифово и Пирава, вкупната вредност на проектот е над 24,3 милиони евра, од кои 30 отсто се обезбеди од буџетот на МЗШВ, а останатите 70 отсто, од Германската Развојна Банка (KfW), во форма на грант и на заем.
Градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадинов потврди дека сите работи на овој проект се изведуваат согласно претходно утврдениот план и пропишан квалитет.
„Овој систем ќе овозможи современ начин на наводнување, поголем квалитет на земјоделска обработка и континуирано снабдување со вода за наводнување на земјоделските површини во атарот на населените места Удово, Јосифово и Пирава. Овој проект е од капитален карактер за општината и значајно ќе го осовремени начинот на занимавање со земјоделство на овие простори“, рече градоначалникот Костадинов.
Тој на увидот на улицата која го поврзува населеното место Горна Мала со Јосифово и регионалниот пат Р-1105 потврди дека Јосифово добива комплетно нова улица со тротоарски површини, подобрена инфраструктура и нов урбан простор.