Во периодот од 10-16 јуни шесте инспекциски служби извршиле вкупно 6.188 вонредни инспекциски надзори, во врска со сите усвоени акти на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот, информираше на редовна прес-конференција претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.
„Најголемиот број од инспекциските надзори 4.862 контроли се направени од инспекторите од Државниот пазарен инспекторат со поддршка на финансиска полиција, или со припадници на полицијата. При тоа се утврдени девет прекршувања на протоколите, од кои седум се однесуваат на протоколот за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти и тоа четири во Скопје, по еден во Битола, Струга и Тетово, и два прекршока на протоколи во обложувалници во Тетово и Гостивар за што се предложени и соодветни кривични и прекршочни санкции. Воедно констатирани се незначителен број, или вкупно шест прекршоци во трговија за непочитување на одлуките за лична заштита и ред или за прекршување на уредбата за замрзнати цени, при што е укажано на правните лица и веднаш постапено“, рече Филиповска-Грашкоска.
Претседателката на Инспекциски совет истакна дека Државниот инспекторат за труд, беше особено активен, при што реализираше вкупно 670 контроли кај работодавачи, во коишто се вработени вкупно над 12.000 лица.
„За периодот од 10 – 16 јуни од страна на овој инспекторат донесени се 25 решенија и 25 укажувања на работодавачите за носење заштитни маски, заштитни ракавици, користење средства за дезинфекција, проветрување, ослободување на вработените од ризичните групи“, посочи Филиповска-Грашкоска.
При контролите утврдено е дека работодавачите согласно препораките од работните задачи имаат ослободено над 130 лица по основ на грижа за деца под 10 години, околу 50 лица по основ на хронична болест и 95 бремени жени.