Потрошувачите по електронски пат да ги достават информациите за потрошена енергија до ЕВН, која е должна да изврши корекција на фактурите, повика денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, по реакции од граѓани за многу високи сметки за струја за месеците Април и Мај.
Податоците од своите броила, посочи тој, граѓаните може да ги достават до ЕВН преку Вајбер, преку електронската апликација на ЕВН, преку телефонски повик и по електронска пошта.
– ЕВН е должен по добивање на податоците од потрошувачите да им ги коригира нивните фактури за електрична енергија и притоа погрешно издадената фактура со повисока потрошувачка енергија да ја поништи и да изготви нова согласно реалната потрошувачка на енергија. Доколку ЕВН не изврши коригирање на фактурите согласно самочитањето од корисниците, тие ќе може да побараат помош од Регулаторната комисија за енергетика и ние ќе посредуваме при изготвување на новата сметка.
– Согласно правилата за снабдување ЕВН е должен најмалку еднаш во годината да ги прочита. Ние досега не сме имале вакво проблем како сега во месец април и мај. Од ЕВН редовно ги следат броилата, овој период имаше проблем со корона кризата во месец март, но очекувавме тоа да се корегира со сметките за месец април. Но, веќе добиваме и поплаки за месец април, па затоа ги повикувам потрошувачите ако не се задоволни со фактурираното сами да извршат читање, изјави Бислимовски.
Потрошувачите кои не се во состојба да ги прочитаат вредностите поради проблеми може на ПП образец да платат сметка за електрична енергија во износ колку што сметаат дека навистина по и ЕВН не смее да ги исклучи.