Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР детектираше постоење на наводна кампања во која што лица преку социјалните мрежи или преку нивните приватни е-маил адреси таргетираат македонски корисници и испраќаат линкови до лажна страница во која се ветува лесна заработка со купување на „новата дигитална криптовалута“ во Кина.
Во предупредувањето до јавноста МВР објаснува дека со кликнување на линкот, а потоа преку сите линкови кои се појавуваат на страната ве пренасочуваат кон страната која е хостирана во Украина.
-Откако лицата ќе се регистрираат и ги остават нивните лични податоци, во рок од неколку минути непознати лица ги контактираат преку телефон со цел да ги убедат дека треба што е можно побрзо да се инвестира во новата кинеска крипто валута бидејќи цената расте секој момент. Од страна на СККДФ беа направени проверки на веб страната и за истата е утврдено дека како регистрант се јавува лицето Vasyl Dymarev од Русија, потенцира МВР.
Во предупредувањето се наведува и тоа дека текстовите и статиите на интернет страната се убедливо напишани а со цел граѓаните да поверуваат на нивната веродостојност и постапката им е добро разработена, почетната сума која ја бараат за инвестиција е 250 американски долари, но во понатамошната комуникација се обидуваат да изнудат и поголеми парични средства.
МВР апелира граѓаните и правните субјекти да не отвараат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да превземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер согласно нивните интерни процедури за сајбер безбедност.