Mинистерот за здравство, Венко Филипче, го претстави протоколот на Комисијата за заразни болести во врска со одржувањето на изборите. Носење маски и ракавици, држење дистанца и дезинфекција се дел од мерките кои министерот апелира строго да се почитуваат.
Протоколот е подготвен на барање на претседателот Стево Пендаровски кај кого во вторникот се одржа лидерска средба, а лидерите се договорија да се побара протокол и процена од Комисијата за заразни болести, мислења од ДИК и од ОБСЕ/ОДИХР. Следната недела повторно ќе се состанат за да се одлучува за датумот за избори.
„Сите лидери на средбата се изјасниле дека здравјето е на прво место и затоа очекувам дека сите партии ќе го почитуваат овој протокол. Тој произлегува од генералните препораки кои се во сила и ќе останат во наредниот период“,рече Филипче.
Во протоколот стои дека сите активности во кампањата треба да се одвиваат почитувајќи мерките за заштита, односно физичката дистанца од 1.5 до 2 метри, миење и дезинфекција на рацете, носење заштитни маски.
Сите мерки да се почитуваат доколку собирите се одржуваат во затворен или отворен простор каде неможе да се држи дистанца.
Во кампањата да не се влегува во домаќинствата, туку само на врата или во дворови.
Сите активности во штабовите да се спроведуваат на отворено, доколку тоа не е можно, да се почитуваат препораките, да се проветрува редовно и да се врши дезинфекција.
На денот на гласање членовите на избирачките одбори и набљудувачите да носат заштитни маски и ракавици, редовно да се проветрува и да се дезинфицираат рацете. Гласачите да се на дистанца од 2 метри и при идентификацијата гласачот кратко да ја тргне маската. Да нема повеќе гласачи во просторијата од бројот на боксови за гласање и да се зголеми времето на гласање за два часа.