ССНМ: Онлајн заканите кон новинари зачестени, институциите да реагираат
Самостојниот
синдикат на новинари и медиумски работници ги осудува онлајн нападите и
заканите на социјалните мрежи врз колегата Мишко Иванов, како и зачестените
напади врз други новинари и новинарки.
„По тој повод ССНМ апелира до сите новинари и медиумски работници
сите овие напади, закани, онлајн малтретирање и слично да ги пријавуваат до
органите на прогонот и соодветните институции, иако со жалење констатираме дека
МВР овие закани не ги сфаќа сериозно и по нив не постапува според своите
законски овластувања. Институциите треба постојано да реагираат и да ги
санкционираат ваквите појави бидејќи решавањето на случајот со нападите врз две
новинарки од страна на Емил Јакимовски не смее да остане единствен.
Во таа смисла, ССНМ ги повикува сите новинари и медиумски
работници, да ги пријавуваат заканите и нападите во Синдикатот, преку пораки на
Фејсбук страната или на електронската пошта ssnm.info@gmail.com.
ССНМ ќе го документира секој случај и ќе преземе соодветни мерки, инсистирајќи
до соодветните институции да ги преземат мерките што им стојат на располагање и
истовремено информирајќи ги меѓународните институции за состојбата со нападите
врз новинарите.
Состојбата со нападите врз новинарите што професионално и чесно си ја вршат својата работа е неодржлива и таа уште веднаш мора да се смени. ССНМ смета дека нема објективно и професионално новинарство доколку новинарите и медиумските работници работат под притисок на закани и напади. Само со јавен притисок кон институциите, но и јавно обелоденување на оваа појава со цел кревање на свеста на јавноста, како и заедничка реакција, може да придонесе за намалување на нападите, заканите и онлајн малтретирањето на нашите колеги“ стои во апелот од ССНМ.