Министерот за економија Крешник Бектеши, денеска на прес-конференција информира дека е донесена уредба во врска со задолжителното воведување на редарски служби во маркетите, пекарниците и продавниците за време на траењето на вонредната состојба.
Оваа уредба на предлог на Министерството за економија беше усвоена вчера на владината седница. Ова е со цел да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и во објектот и да обезбеди спроведување на дезинфекција за раце при влез во објектот.
Според Уредбата, трговецот е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание од 2 метри при чекање ред на лицата пред и во објектот и тоа пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот.
– Доколку не се почитуваат одредбите од оваа Уредба следуваат глоби. За малите и микро трговци е предвидена глоба од 500 до 1.000 евра ако не воспостават ред и дисциплина пред нивните објекти, додека за средните и големи трговци кои што нема да ги почитуваат одредбите од оваа Уредба, предвидена е глоба од 1.000 до 2.000 евра – потенцираше министерот.
Тој апелираше до трговците да се придржуваат до насоките и мерките на Владата, а до граѓаните кои што ќе утврдат неправилности да пријават на бесплатниот телефонски број 191 на Државниот пазарен инспекторат.