Министерството за надворешни работи информира дека денес беше организиран лет за репатријација на македонските граѓани затекнати во Италија. И покрај поголем број на пријавени наши државјани, од нив 180 го потврдиле враќањето, од кои 152 пристигнале на аеродромот во Венеција и се качиле на денешниот лет кон Скопје.
По пристигнувањето во земјата, тие ќе бидат упатени во задолжителен државен карантин во времетраење од 3 седмици, согласно одлуката на Владата на Република Северна Македонија, а во организација на генералниот секретаријат на Владата, МВР и Министерството за здравство.
На летот кон Италија во координација со италијанската амбасада во земјата, беше организирана репатријација на 32 странски државјани кои беа затекнати во Скопје.
По апелот за пријавување на македонски граѓани затекнати во странство и нивно евидентирање со цел враќање во земјата, како и по јавниот повик за организирање на авионски превоз, но и преку хуманитарни конвои, до сега (14 април 2020 год.) во организација на МНР е направена репатријација на 3032 наши државјани.
МНР упатува благодарност до сите инволвирани во процесот на репатријација, на колеги од Кризниот тим при Министерството за надворешни работи и колеги од сите наши дипломатско – конзуларни претставништва за посветеноста во овие исклучително отежнати услови за работа.