Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција информираше за состојбата со
коронавирусот во земјата.
Според него, во текот
на неделата, во функција ќе се стават две дополнителни лаборатории на
досегашните, лабораторијата во МАНУ и лабораторијата во Институтот за судска
медицина, каде денеска, комисија од стручни лица, од лабораторијата и
Министерството, прават стручен надзор. Со ова, дополни министерот за здравство,
капацитетот на тестирања во текот на денот се зголемува за 50 до 100, со што ќе
се елиминира долгото чекање на резултати кои во одредени ситуации се случува со
оглед на големиот број на брисеви кои стигнуваат во лабораторијата во ИЈЗ
(Институтот за јавно здравје)“, рече министерот Филипче.
Министерот Филипче изјави дека во Дебар нема нов дијагностициран пациент, сите
пациенти закрепнуваат и се чекаат и вторите тестови за да се види дали
тестовите се негативизирани.
„Ќе направиме еден скрининг во бројка од 20 до 30 проценти од вкупното население.
Во регионите, во коишто досега имаше практично мерки во смисла на рестрикција
на движење, воведени уште пред вонредната состојба ќе се процени имунитетот што
ќе биде одличен пример за тоа што би можеле да очекуваме и на ниво на целата
држава, во оној момент кога ќе одлучиме дека треба да се прави таков скрининг
од антитела согласно времето на епидемијата“, посочи министерот Филипче.
Тој истакна дека веќе е направен распоредот за делење на заштитните маски кои
стигнаа како донација од Чешката Република. Тоа се еден милион маски, кои ќе
бидат дистрибуирани по сите установи согласно распоредот, потребата и
интензитетот на употреба. Кон крајот на оваа недела се очекува да стигне и
помошта од Соединетите Американски Држави во заштитна опрема, после што таа ќе
биде или соодветно дистрибуирана или ќе бидат надополнети резервите во
Министерството за здравство.