Владата ја донесе
Уредбата за определување минимална плата од 14.500 денари за сите министри,
пратеници, судии, обвинители, директори и сите други избрани, именувани и
назначени лица во јавниот сектор
Заштедата по основ на
оваа Уредба со која се опфатени 1.165 функционери и 895 директори на втора
линија буџетски корисници изнесува околу 240 милиони денари за 2 месеци или 3,9 милиони евра.
“Одредбите од оваа уредба со законска сила се
однесуваат на пратениците во Собранието, Претседателот на државата, функционерите кои ги именува Претседателот,
претседателот на Собранието, функционерите и лицата кои ги избира или именува
Собранието, претседателот на Владата и избраните и именуваните лица од Владата,
градоначалниците и лицата кои остваруваат право на плата по престанувањето на
функцијата, согласно Законот за плата и други надоместоци на избрани и
именувани лица во Република Македонија, именувани лица од Владата кои
остваруваат право на плата согласно Одлуката за утврдување на коефициенти за
пресметување на платата на функционерите“, велат од Владата.
Одредбите од оваа уредба со законска сила се
однесуваат и на избраните судии кои остваруваат право на плата согласно Законот
за платите на судиите и на избраните јавни обвинители кои остваруваат право на
плата согласно Законот за платите на јавните обвинители. Кратењето на
платите на функционерите е дел од владините економски мерки за справување со
кризата предизвикана од КОВИД-19. За вработените во администрацијата нема да
има намалување на платите.
Целта на донесената Уредба за определување на висината на платата на избраните,
именуваните и назначените лица во јавниот сектор на минимална плата во износ од
14.500 денари е обезбедување на средства за имплементација на економските мерки
донесени од страна на Владата за справување со кризата предизвикана од
пандемијата на коронавирусот КОВИД -19.