Државната
изборна комисија (ДИК) на вчерашната седница донесе заклучок за запирање на
дејствијата за Предвремените избори за пратеници во Собранието, што требаше да
се одржат на 12 април постапувајќи по Уредбата со законска сила што ден
претходно ја донесе Владата.
Оваа одлука Владата ја донесе
заради вонредната состојба прогласена за ефикасно спречување на внесување и
ширење на коронавирус Ковид-19, и заради тоа што Собранието не се состанува за
да ја поништи одлуката за распуштање.
–Почнувајќи од 22.03.2020 година, се прекунуваат сите
изборни дејствија за спроведување на Предвремени избори за пратеници. –Се запираат сите понатамошни дејствија и
активности на Општинските изборни комисии. Сите изборни дејствија кои се
преземени до 22 март 2020 се сметаат за важечки. Сите преостанати дејствија што
произлегуваат од Изборниот законик ќе бидат предвидени во ревидираниот роковник
што ДИК ќе го донесе веднаш по укинувањето на вонредната состојба со
донесувањето на нова уредба на Владата за продолжување на изборниот процес,
рече претседателот на ДИК Оливер Деркоски предлагајќи го заклучокот.
-ДИК е
задолжена да ја чува и обезбедува изборната документација до спроведување на
изборните дејствија и изборите и веднаш по изменетата ситуација, односно по
носењето на новата уредба на Владата за продолжување на изборните дејствија ќе
мора да донесе ревидиран роковник за изборите.
-ДИК во
рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба, според Уредбата
на Владата, на својата веб страница треба да објави ревидиран роковник за
продолжување на изборните дејствија.
– Ова, пред се, се однесува
на Избирачкиот список, дејствијата што се поврзани со него, увидот, заклучувањето
на Избирачкиот список и друго, информираше Деркоски.