Државен студентски дом „Скопје“ – Скопје информира дека во текот на
вечерните часови на вчерашниот ден градските служби при Градот Скопје ги урнаа
бараките од домот “Невена Георгиева-Дуња“- Медицинар, поради потребите на
министерството за здравство и ново настанатата состојба со пандемијата на
вирусот корона.
Оваа пандемија, овој здравствен проблем на глобално ниво е сериозна закана
по здравјето на граѓаните во речиси сите држави во светот. Од таа причина
објектот „Медицинар“ кој се наоѓа на клучна локација близу Клиниката за
инфективни болести е отстранет со цел да се отвори просторот и да се прилагоди
за потребите на министерството за здравство.
Во таа насока, Градот Скопје во текот на изминатите денови го прошири
пристапот за возила на брза помош до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а за
истите потреби се прави и посебен влез кон Универзитетската Клиника за
Инфективни болести и фебрилни состојби.
Инаку, бараките “Невена Георгиева-Дуња“ или Медицинар се изградени после земјотресот во 1963 година, а капацитет на леглата изнесуваше 351 кревети. Во овие бараки во кој се сместуваа студенти од внатрешноста беа во крајно лоша и дотраена состојба и поради немањето основни услови за живот на студентите не се во функција повеќе од 5 години, стои во соопштението од Државен студентски дом „Скопје“ .