Во текот на вчерашниот ден е прогласена црвена зона во 14 провинции на Ломбардија. Авиокомпанијата Wizz Air ги суспендираше сите летови со ризичните региони во Северна Италија.
-Во интензивна комуникација сме со министерот за надворешни работи, со нашиот конзул во Северна Италија. Сите тие мерки за изолација важат за сите луѓе коишто се затекнати, без разлика дали се жители или се државјани на други земји, што значи дека на нив им е забрането патувањето. Во контекст на сето ова, утрово испративме и барање до Стопанска комора за информација од секторот туризам, дали се очекува и дали имало организирани патувања за празникот и доколку имало кои се тие агенции, кога ги очекуваат да се вратат патниците со цел да знаеме претходно пред да се појават на граничните премини, рече на денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.
„Денеска или во текот на утрешниот ден ќе се направи контролниот тест на првата пациентката со корона вирус, па ќе знаеме во кој момент ќе биде пуштена од Инфективната клиника. Утре поминува 14-дневниот карантин на нејзините сопатници. Ќе се направи клинички преглед и интервју со епидемиолозите, врз основа на кои податоци ќе се одлучи дали ќе се направи тестирање или ќе се продолжи мерката за изолација, согласно нивната здравствена состојба. Уште еднаш упатувам смирувачка порака. Целосно сме посветени на решавање на ова прашање, будно ги следиме промените во регионот, во околните земји, и во интензивна комуникација сме со претставници на СЗО и во овој момент нема поголем приоритет во нашиот сектор од прашањето на проблемите кои произлегуваат од корона вирусот. Остануваме редовно, точно, транспарентно да ја информираме јавноста за сите промени и ситуации кои што ни се јавуваат на начин на кој тоа го правевме досега“, потенцираше министерот Филипче.