Македонските граѓани да не патуваат во регионите во северна Италија, но и да се избегнуваат патувањата во останатите делови од оваа земја, е препораката која синоќа ја даде Министерството за здравство, согласно состојбата со корона вирусот во Италија. На граѓаните кои допатувале од странство и кои почнале да чувствуваат симптоми се советува да не одат на матичен лекар туку да се обратат кај епидемиолозите.
Со соопштение до јавноста излезе и Министерството за надворешни работи во кое согласно информациите добиени од Генералниот конзулат на нашата држава во Венеција – Италија, а заради сериозноста на состојбата со корона вирусот во земјата, се препорачува на граѓаните да не патуваат регионите и провинциите: Ломбардија, Модена, Парма, Пјаченца, Реџио Емилија, Римини, Пезаро, Урбино, Алесандрија, Асти, Новара, Вербано Кусио Осола, Верчели, Падова, Тревизо и Венеција.
Состојбите се посебно загрижувачки во Италија каде на
работа има многу македoнски граѓани. Со вкупен број заразени лица кој се
зголеми на 7.375, Италија стана втора земја во светот по бројот на починати и
заразени од вирусот. Вкупно починаа 366 лица.
-Исто така препорачуваме да избегуваат непотребни патувања во останатите делови на Италија. За оние граѓани кои веќе се наоѓаат во Италија, препорачуваме зголемени мерки на претпазливост во секое време, да се следат локалните медиуми и упатствата на локалните власти, се вели во соопштението.
Генералниот конзулат на нашата држава во Венеција во
следниов период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации,
а го одложи фотографирање на нашите граѓани за нови патни исправи.
За
подетални информации околу развојот на состојбите, македонските граѓани кои се
наоѓаат во Италија, можат да го контактираат македонскиот Генерален конзулат во Венеција на
+ 39 389 5837913 или venice@mfa.gov.mk.
Во домашна
изолација и под здравствен надзор во земјава засега се наоѓаат околу 40-тина
лица.