На 18. Февруари во утринските часови на локалниот пат од с.Банско – с.Робово, на влезот во с.Робово, струмичко, полициски службеници од Полициската станица за Граничен премин и граничен надзор „Ново Село“ запреле товарно возило „ивеко фургон“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Д.(62) од Скопје. При преглед во возилото биле пронајдени пет лица мигранти, од кои две од Авганистан и три од Пакистан. Д.Д. бил лишен од слобода и заедно со мигрантите биле спроведени во СВР Струмица.
Против Д.Д. е поднесена кривична пријава до ОЈО, а по наредба на Јавен обвинител мигрантите биле предадени во Прифатниот центар за странци Гази Баба Скопје и во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија.
Само пред два дена лице од Гостивар беше фатено од радовишката полиција како превезува група мигранти од над триесетина лица, на локалниот пат Калуѓерица – Подареш. Тоа значи Македонската територија и понатаму останува како една од транзит рутите преку која мигрантите се обидуваат да стасаат до западно европските држави.
Ова го потврдува и полицискиот билтен во кој скоро секојдневно се регистрираат нови случаи за откриени илегални мигранти. Само за дваесетина дена од оваа година на границите со соседните земји биле спречени 1.365 обиди за илегално преминување. Најголемиот дел од нелегалните обиди се регистрираат во југоистокот од државата. За краток временски период во неколку одделни акции само во струмичкиот регион полицијата откри околу стотина мигранти. Според официјалната статистика на МВР минатата година биле спречени 24.601 обиди за илегално преминување на границите.