Општина Струмица преку
Секторот за локален економски развој и заштита на животната средина и
еколошкото друштво „Планетум“ во Струмица го постави првиот паметен соларен
држач за велосипеди, кој е инсталиран во дворот на средното општинско училиште
„Јане Сандански“.
Станува збор за инсталација, која е прв пат поставена во
нашата држава и која има 4 соларни панели и сончевата енергија ја претвараат во
електрична енергија, со што се придонесува за зачувување на животната средина.
Соларниот паркинг за велосипеди не е само обичен
паркинг за 13 велосипеди, туку паметен уред, каде може да се наполни батеријата
на паметен телефон, лап топ, таблет, како и можност за безжично полнење. Ја има
можноста преку WiFi рутер да се добијат локални податоци и активно мерење на
температурата и квалитетот на воздухот.
Соларниот држач има свое LED осветлување, шанк
подлога. Конструкцијата е галванизиран челик и е АNTI VANDAL производ.
Поставувањето на оваа паметна урбана опрема е
проект на ЕД Планетум, финансиски поддржан од општина Струмица преку Г1
програмата, во партнетство со ЈПКД „Комуналец“ Струмица, одговорен за изведбата
на бетонската плоча, како и за монтажата на конструкцијата. Дополнително во
соработка со директорката на СОУ „Јане Сандански “ се обезбеди монтажа, а
приватна компанија изврши инсталација на соларниот систем.