Заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Палески, оствари работна посета на Општина
Гевгелија и притоа оствари средба со градоначалникот Сашо Поцков.
Општина Гевгелија со поддршка на Министерството за локална
самоуправа реализира неколку проекти, како преку Бирото за регионален развој,
така и преку ИПА-ППС со Грција и Бугарија. Станува збор за проекти со кои се
поттикнува регионалниот развој, но, исто така се подобруваат и условите за
живот.
-Во моментот пред реализација се два проекти финансиски поддржани од Бирото за
регионален развој, изградбата на пречистителна станица во Моин, чија вредност е
7.173.323 денари, од кои 4.722.708 денари сопствено учество, а за која веќе е
избран најповолниот изведувач, кој наскоро ќе биде воведен во работа.
Исто така, пред изведба е и првата фаза од ревитализација на
патот Богородица-Стојаково- крстосница со регионалниот пат Гевгелија-Богданци,
во вредност од 8.764.385 денари од кои 511.037 денари е сопствено учество. Овој
проект, како и втората фаза од ревитализација на овој пат, за кој треба да биде
распишан тендер, се реализираат преку Југоисточниот плански регион.
Паралелно, во општина
Гевгелија завршена е релизацијата на проектот за уредување на излетиштето
Динќут преку ИПА-ППС со Бугарија, а во тек е изведбата на проектот за
регулација на дел од коритото на Сува река преку ИПА-ППС со Грција. И за двата
проекти националното учество го обезбедува Министерството за локална
самоуправа, информираше градоначалникот Сашо Поцков, изразувајќи задоволство од
досегашната успешна соработка со ова министерство.
Заменик министерот Дејан Павлески укажа на новите можности што се отвораат за
општините преку неколку проектни линии што ги обезбедува Министерството за
локална самоуправа. Притоа, посебно се осврна на најавената децентрализација
потсетувајќи на заложбата на ЗЕЛС за зголемена наплата на данокот на имот во
сите општини.
-За таа цел со УСАИД веќе работиме на заеднички проект за јакнење на
капацитетот на општините за зголемен прилив на средства од локалните даноци
преку преоценка на наплатата на данокот на имот. Исто така, зајакнувањето на
финансискиот капацитет на општините ќе се спроведува и преку новите методи за
пресметување на ДДВ. Паралелно со ова ќе се настојува да се зголеми и
вклученоста на граѓаните за која цел се неопходни промени во статусот на
месните заедници, истакна Дејан Павлески, најавувајќи дека во наредната година
може да се очекува децентрализација на дел од надлежностите во земјоделството,
културата и социјалната заштита.