Заврши реализацијата на проектот „Повеќенаменски
социјален центар во општина Струмица“, проект кој е од исклучително значење за
сите ранливи категории на граѓани.
Целта на овој проектот
е создавање механизми за институционална соработка помеѓу Општина Струмица и
граѓанскиот сектор од социјалната сфера, како и социјална инклузија на
граѓаните од ранливата категорија. Тука спаѓаат организации кои опфаќаат лица
со оштетен вид, со оштетен слух, со пречки во гласот, говорот и
јазикот, телесно инвалидизирани лица, лица со интелектуална попреченост,
аутистични лица и со други видови пречки.
Проектот е реализиран со донаторска помош од Владата на Република
Бугарија, преку Среднорочната програма за развој и хуманитарна помош
(2016-2019), а вредноста на донацијата изнесува 138 илјади евра.
Имплементатор на проектот е Општина Струмица преку Одделението за
меѓународна соработка и европски фондови.
Покрај претставниците на здруженијата, на
промоцијата присуствуваа и генералниот конзул на Република Бугарија во Македонија,
Димитар Иванов, државниот секретар во Министерството за труд и социјална
политика, Јована Тренчевска, пратеничката Катерина Кузмановска и членови на
Советот на општина Струмица.
Оваа
не е прва донација која Струмица ја добива од владата на Бугарија. минатата
година доби и специјално патничко возило за транспорт на соцјално ранливи група
граѓани.