Министерството
за информатичко општество и администрација, Министерството за образование и
наука, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Фондацијата Метаморфозис, организираа
„Еднодневна обука за сајбер безбедност за ученици,
наставен кадар и родители“.
Целта на
обуката е да се подигне свеста за ризиците во сајбер просторот, како и
одговорностите на родителите, образовните институции и органите на државната
управа при справување со сајбер инциденти кај учениците од основно образование.
На
настанот се обратија министерот за информатичко општество и администрација
Дамјан Манчевски, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, амбасадорот
на ОБСЕ мисијата во Скопје Клеменс Која и директорот на Фондацијата
Метаморфозис Бардил Јашари.
„Министерството за информатичко општество и администрација, ја стави
сајбер безбедноста во фокусот на својата работа со подготовката на Стратегијата
и Акцискиот план за сајбер безбедност. Тоа што е најважно за соочување на
проблемот со сајбер криминалот и ризиците со кои сите ние се соочуваме на
интернет е да сфатиме дека станува збор за глобален проблем, кој не познава
граници. На локално ниво од друга страна, мора да сме свесни дека единствено
можеме да се соочиме со овој проблем доколку се обединиме сите заедно. Тука
мислам на владините и образовните институции, бизнис заедницата, невладиниот
сектор, родителите, наставниците, и на децата кои од мали нозе мора да
научат како да го користат интернетот“, рече министерот Дамјан Манчевски.
Според министерот Манчевски, темата за сајбер безбедност не смее да се
игнорира. Како што истакна тој, нашата земја е во
чекор со европските трендови, односно, речиси 75% од популацијата во државата, на возраст меѓу 15-19 години, има профил на
социјалните мрежи. Овие бројки се потврда дека треба посветено да се работи на
јакнење на свеста од најрана возраст.