Министерот
за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, во Ресен одржа
работни средби со градоначалникот на општина Ресен и со земјоделци од овој
регион. На средбата со градоначалникот беа презентирани активностите коишто ги
презема општината во секторот земјоделство во делот на создавање на услови за
обезбедување на модерни откупни и преработувачки центри, со коишто ќе се
овозможи сигурен пласман и откупот на јаболката, како и капиталните
проекти кои општина Ресен ќе ги реализира преку мерките од Програмата за
рурален развој.
На средбата
со земјоделците, министерот Димковски ги информираше дека денеска Агенцијата за
финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати 106 милиони
денари за дополнителната субвенција од 3 денари за килограм предадени јаболка
во преработувачки и откупувачки центри до 25-ти декември 2018 година. Оваа
интервентна мерка МЗШВ ја донесе со цел да се покријат загубите на
овоштарите поради проблемите коишто се
јавија при откупот на јаболка во реколтата 2018-та и да се ублажат последиците
од временските непогоди во изминатиот период.
На средбата беше
разговарано и за мерките што МЗШВ ги презема за справување со негативните
последици од климатските промени, при што министерот Димковски информираше за
проектот за авионско засејување на облаците, за којшто УХМР ја финализира
постапката за објава на тендер.